Обраќајќи му се на морето од приврзаници кои не носеа маски на митинг во Западен Бенгал минатата сабота, индискиот премиер Нарендра Моди гордо објави дека „никогаш не видел толку голема маса“. Сепак, ниту тој не се придржувал до рестриктивните епидемиолошки мерки.
Индија тој ден регистрирала нови 234.000 случаи на инфекција со коронавирус и 1.341 смртен случај.
Бројките се зголемуваат оттогаш, а пренатрупаните болници вчера молеа за снабдување со кислород. Бројот на заразени повторно се зголеми во текот на ноќта во „цунамито“ од Ковид-19, а Индија трет ден по ред постави нов светски рекорд во нови случаи.
Лекарите се очајни бидејќи не можат да помогнат на голем број пациенти поради недостаток на кревети и несоодветна организација на надлежните органи.
Пациентите умираат на улиците пред болниците затоа што не можат да добијат доволно кислород, рече д-р Харџит Синг Бати за „ITV News“. Тој рече дека не видел ништо толку ужасно за десет години, колку што работи во здравството.
„Лидерите низ целата земја не ја пренесоа соодветно пораката дека ова е епидемија што не исчезна“, рече К.Сринат Реди, претседател на индиската Фондација за јавно здравје.
„Победата беше прогласена прерано и тоа загреано расположение се прошири, особено од политичарите кои сакаат да ја рестартираат економијата и да се вратат во предизборната кампања. И тоа му даде на вирусот нова шанса “, изјави тој за Гардијан.
Макс Хелткер, кој управува со мрежа на болници во северна Индија, вчера на Твитер објави дека им останува кислород за помалку од два часа, додека Фортис Хелткер, друг голем ланец, објави дека повеќе нема да прифаќа пациенти во Делхи.
Индија беше силно погодена од вториот бран на пандемија и на секои четири минути починува по едно лице од Ковид-19 во главниот град Делхи, во чиј недоволно финансиран здравствен систем пука поради огромно оптоварување.
Владата распореди воени авиони и возови за доставување кислород до Делхи од далечните делови на земјата и странство, вклучувајќи го и Сингапур.
Бројот на заразени на национално ниво од околу 1,3 милијарди луѓе се зголеми во текот на ноќта за 346.786, на вкупно 16,6 милиони случаи, вклучително и 189.544 смртни случаи. Бројот на починати се зголеми за 2.624 во последните 24 часа, што е највисока дневна стапка за Индија досега. Крематориумите во Делхи се полни и ги молат тажните семејства да чекаат.
Болниците во Делхи се обратија до повисокиот суд во градот оваа недела, барајќи од нив да им наложат на владите итно да набавуваат медицински материјали, претежно кислород.
Членовите на семејството се со болните во ходниците на болниците и на улиците додека чекаат медицинска помош, пренесоа агенциите.
Човек кој се претставил како Амит го оплакувал својот брат во златната болница Џајпур голден во Делхи. Тој за Ројтерс изјавил дека видел некои семејства како трчаат со боци со кислород и се обидуваат да ги наполнат некаде.
Индија во четвртокот го надмина рекордот на САД од 297.430 нови случаи за еден ден и стана светски епицентар на пандемијата, која опаѓа во многу други земји.
Здравствените експерти велат дека Индија премногу се опуштила во текот на зимата, кога бројот на нови случаи бил околу 10.000 на ден и пандемијата се чинела дека е под контрола. Властите ги укинаа ограничувањата и дозволија големи собири. Други, пак, велат дека ситуацијата драматично се влошила поради поопасниот вид на вирусот што ја разорува Индија. Тоа е втора најнаселена земја во светот, така што одржувањето на физичката оддалеченост е голем предизвик.
„Непочитувањето на правилата за носење маска и физичкото растојание може да играат улога, но веројатно е дека вториот бран беше поттикнат од многу заразен вид“, рече Викрам Пател, професор по глобално здравје на медицинскиот факултет „Харвард“.