Дизни од својот стриминг сервис во Хонг Конг отстрани епизода од Симпсонови во која, меѓу другото, се зборува и за работните логори во Кина.
Според Би-Би-Си, отсуството на епизодата „One Angry Lisa“ е забележано оваа недела и се уште не е јасно кога е отстранета.
Дизни не сакаше да одговори на прашањата на Би-Би-Си во врска со ова.
Во епизодата, чија премиера беше минатиот октомври, беа прикажани фотографии од Кинескиот ѕид за време на час на кој присуствувала Марџ Симпсон.
За време на тој час, предавачот изговара „Погледнете ги чудата на Кина – рудници за биткоин и работни кампови каде децата прават паметни телефони“.
Симпсонови се прикажуваа во Кина неколку пати од почетокот на 2000-тите, а моментално најновата сезона може да се најде на стриминг сајтовите, но без оваа епизода.
За потсетување, светските медиуми известуваат за цензура во Хонг Конг уште од усвојувањето на сетот контроверзни закони.