Вториот квартал на фискалната 2015 година на Apple исто така ќе влезе во историјата на компанијата со последователни рекорди. Во овој период приходите се зголемија за 27% благодарение на рекордните продажби на iPhone и Mac. За прв пат Apple продава повеќе iPhone-и во Кина, отколку во САД. Само во Кина приходите на компанијата скокнаа за 71% до 16,8 милијарди долари.
Вкупните приходи на Apple за периодот изнесуваат 58 милијарди долари, а нето добивката е 13,6 милијарди долари. Вкупно 69% од сите приходи на компанијата доаѓаат од меѓународна продажба. Извршниот директор на Apple, Тим Кук објави дека брзо растечката средна класа во Кина е меѓу главните мотори на големите продажба на iPhone.
Вкупно компанијата има продадено 61.2 милиони смартфони во целиот свет, што е за 40% повеќе на годишна основа. Компанијата има продадено и 4.5 милиони компјутери Mac, вклучувајќи како десктоп, така и преносни модели. Тоа се за 10% подобри перформанси во однос на минатата година.
Единствената лоша вест повторно е таблетот iPad. Компанијата продала 12,6 милиони единици, што е пад од 23% во споредба со минатата година. Apple ја зголемува и дивидендата за акционерите со уште 11% до 52 центи по акција. Компанијата предвидува дека до крајот на 2017 година ќе им се вратат на акционерите 200 милијарди долари.
Љ.Ј.