Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Русија и Украина наскоро би можеле да постигнат договор за прекин на огнот и дека Турција е подготвена да биде домаќин на мировен договор.
– Веруваме дека оваа војна мора да заврши. Исто како што преговарачката маса беше поставена во Истанбул, во блиска иднина во Турција ќе биде поставена мировна маса и оваа крвава војна ќе заврши, рече Ердоган, објавува „Хуриет“.
Турскиот претседател нагласи дека постои реална можност потпишувањето на мировниот договор да се случи во Турција, потсетувајќи дека неговата земја ги засили дипломатските напори за прекин на конфликтот.
„Турција ја интензивираше дипломатската активност заради мирот, додека во соседните земји беснеат кризи и војни“, нагласи Ердоган, додавајќи дека Анкара води доследна политика на мир во контекст на руско-украинската војна.
Тој, исто така, потсети дека за време на третата рунда преговори во Истанбул, украинската и руската делегација постигнаа договор за нова размена на затвореници.