Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека нема намера повторно да се кандидира за претседател, нагласувајќи дека на земјата и е потребен нов устав кој ќе го одразува духот на модерното време и демократските вредности.
„Немам намера повторно да се кандидирам за претседател. Нашата единствена цел е да го подобриме имиџот на нашата земја. Турција се менува, светот се менува. Живееме во нова ера. Мислите ли дека во таков динамичен свет можеме да продолжиме со устав создаден во времето на воениот удар?“, рече Ердоган, а пренесува „Anadolu Agency“.
Ердоган долго време се залага за усвојување на нов устав, кој, како што тврди, би бил „подемократски, пограѓански и во согласност со современите потреби на општеството“.
Актуелниот турски устав е усвоен во 1982 година, по воениот удар во 1980 година, и иако е изменет неколку пати, критичарите тврдат дека тој сè уште ги носи белезите на авторитарен систем.
Опозицијата, од друга страна, често изразува сомнеж во намерите на Ердоган, тврдејќи дека неговите реформи служат за зајакнување на личната моќ и задушување на независните институции. Сепак, неговата изјава за неговото повлекување може да отвори простор за нова политичка динамика, особено пред следните претседателски и парламентарни избори.
Ердоган по трет пат беше избран за претседател на Турција во 2023 година и на таа позиција ќе остане до 2028 година.
Аналитичарите оценуваат дека прашањето за новиот устав би можело да стане централна тема во наредните години, бидејќи обликувањето на уставната рамка ги одредува и правилата на политичката борба во Турција по Ердоган.