Турција го гледа својот процес за пристапување во Европската унија како стратешки приоритет, а себеси како „нераскинлив дел од Европа“, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Тој на денешниот состанок на странските амбасадори во Турција во Анкара изјави дека станува сè потешко за Европа да продолжи како глобален актер без Турција да го заземе „своето заслужено место“, јавува „Anadolu Agency“.
Зборувајќи за ситуацијата на Блискиот Исток, Ердоган оцени дека нема да има мир во Израел без формирање на палестинска држава.
„Израел нема да го најде мирот што го бара без формирање на независна палестинска држава со територијален интегритет врз основа на границите од 1967 година. Како да не беа доволни нивните повици за анексија на Западниот Брег, министрите на израелската влада си играат со оган со провокациите насочени кон џамијата Ал Акса“, рече Ердоган, пренесува „Танјуг“.
Турскиот претседател изјави дека џамијата Ал Акса е „црвена линија“ за Турција.