По средбата во Брисел се огласи и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој ја повика Европската Унија да ги продолжи пристапните преговори со Турција, но и да ги вклучи во плановите за вооружување. Преговорите за пристапување на Турција во ЕУ беа отворени во 2005 година, но со години беа во застој.
– Остануваме посветени на нашата цел за полноправно членство. Очекуваме ЕУ да усвои стратешки и визионерски став и да продолжи со пристапните преговори. Ние исто така веруваме дека нема оправдување за исклучување на Турција од програмите на ЕУ за обнова и одбранбени набавки, рече Ердоган на онлајн-конференција организирана од ЕУ.
Тој претходно рече дека поддржува прекин на воздушната и поморската агресија во Украина „како мерка за градење доверба меѓу страните“. Тој нагласи дека е неопходно да се воспостави „цврста дипломатска основа“ на која конфликтните страни ќе седнат на преговарачка маса за да се постигне „праведен, траен и чесен мир“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска повторно повика на прекин на огнот во воздух и море, велејќи дека Русија е „единствениот извор на војна во оваа земја“.