Ереван: Нов конфликт на границата, Азербејџан употреби дрон

од Stefanija Kuzmanovska
193 прегледи

Утринава избувнаа нови судири меѓу азербејџанските и ерменските војници, јавува руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на ерменското министерство за одбрана.

Портпаролот на ерменското министерство објави дека Азербејџан користел беспилотни летала, артилерија и минофрлачи на границата на двете земји каде, според него, ситуацијата е се уште тензична, пренесе РИА Новости.

Околу 100 војници загинаа вчера во борбите на границата меѓу Ерменија и Азербејџан, а новите напади на двете страни ги подгреваат стравувањата од обновување на непријателствата меѓу долгогодишните противници, пренесува АП.

Ерменија пријавила загуба на 49 војници во борбите, а Азербејџан објави дека 50 нејзини војници загинале во вчерашните судири, наведува американската агенција.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ги повика Ерменија и Азербејџан „да преземат итни чекори за деескалација на тензиите, да покажат максимална воздржаност и да ги решат сите отворени прашања преку дијалог и спроведување на претходните договори“, објавија ОН.

Советот за безбедност на ОН за денеска закажа затворена седница во врска со обновувањето на конфликтите во регионите на азербејџанско-ерменската граница.

Во текот на ноќта во вторникот на ерменско-азербејџанската граница дојде до вооружени судири, а страните меѓусебно се обвинуваат дека започнале ново заострување на односите.

Азербејџанските медиуми во вторникот објавија дека Баку и Ереван се договориле за прекин на огнот кој стапил на сила вчера во 9 часот по локално време.

Слични содржини