Група жители на ерменскиот регион Сјунишк, кој се граничи со Азербејџан, организирале протест обидувајќи се да го спречи премиерот Никола Пашинјан да стигне до таму, објави ерменскиот портал „Њуз“, кој ги пренесува настаните во живо од местото.
Според порталот, рано утрово, група жители на Сјунишк се упатиле кон влезот во областа, таканаречената „Порта на Сјунишк“, со цел да ги запрат возилата придружувани од Пашинјан, но припадниците на полицијата им го блокирале патот.
„Нашата одлука е да стигнеме до портата Сјунишк за да не дозволиме Пашинјан да влезе во областа“, рекол еден од демонстрантите.
Жителите на граничните населби во оваа област сметаат дека распоредувањето нови воени пунктови на азербејџанската армија во согласност со договорот за трилатерално примирје во Карабах ја загрозува нивната безбедност. Тие ги блокираат улиците, барајќи заштита во процесот на обележување на ерменско-азербејџанската граница. Претходно, Пашинјан најави дека ќе отпатува во областа Сјунишк – во градовите Мегри, Капан, Горис и Сисијан.
Борбите на контактната линија во Карабах започнаа на 27 септември. Баку и Ереван се обвинуваат едни со други за избувнувањето на конфликтот. Во Ерменија беше прогласена воена состојба и општа мобилизација, а во Азербејџан беше воведен полициски час и делумна мобилизација.
Лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија, Владимир Путин, Илхам Алиев и Никол Пашинјан, на 10 ноември потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на непријателствата во Нагорно Карабах. Според изјавата, дел од регионот е ставен под контрола на Азербејџан, страните ќе разменуваат затвореници, а руските мировници ќе бидат распоредени долж контактната линија и долж коридорот Лачин што го поврзува Карабах со Ерменија. Документот потпишан на 10 ноември е четврти обид да се постигне стабилна деескалација. Претходните три беа неуспешни.