Ерменија денеска го обвини Азербејџан дека подготвува „воена провокација“ со масовно собирање војници долж границата на двете земји и во близина на спорниот регион Нагорно-Карабах.
– Азербејџан ја покажува својата намера да изврши нова воена провокација против Нагорно-Карабах и Ерменија, изјави ерменскиот премиер Никол Пашинијан.
Тој на состанок на Владата во Ереван изјави дека воената и политичката ситуација во ерменскиот регион значително се влошила.
Од друга страна, азербејџанското Министерство за надворешни работи ја осуди „новата лажна политичка манипулација“.
– Ерменија треба да се откаже од територијалните претензии кон Азербејџан, да престане со воено-политичките провокации и да престане да создава пречки за мировниот процес, се вели во соопштението на азербејџанското МНР.
Ерменија и Азербејџан водеа две војни за суверенитет над планинската територија Нагорно-Карабах населена главно со Ерменци, но меѓународно признаена како дел од Азербејџан.
Последната војна меѓу Баку и Ереван во 2020 година заврши со пораз на Ерменија, која на Азербејџан мораше да му отстапи територии во и околу Нагорно-Карабах.
Тензиите се зголемија во последните месеци поради редовните вооружени инциденти на границата.