Ерменскиот претседател Вахан Хачатуријан денеска ја одобри одлуката на парламентот за пристапување кон Меѓународниот кривичен суд (МКС), потег што може дополнително да ги заостри врските на Ерменија со нејзиниот стар сојузник Русија.
Минатата недела, ерменскиот парламент гласаше за пристапување кон МКС со ратификување на Римскиот статут со кој беше основан Трибуналот.
Земјите кои го ратификуваа Римскиот статут се обврзани да го уапсат рускиот претседател Владимир Путин доколку стапне на нивна територија, кој е обвинет за воени злосторства поврзани со депортација на деца од окупираните делови на Украина.
Официјална Москва овој потег го окарактеризира како „непријателски чекор“, а руското Министерство за надворешни работи го повика на разговор ерменскиот амбасадор. Ерменија ја увери руската страна дека Путин нема да биде уапсен доколку влезе во земјата.
Ерменските власти тврдат дека потегот нема никаква врска со Русија и дека е поттикнат од, како што ја нарекуваат, агресијата на Азербејџан врз земјата.
Ерменија го започна процесот на пристапување кон Трибуналот пред повеќе од 20 години, но во 2004 година Уставниот суд пресуди дека Римскиот статут не е во согласност со актуелниот Устав на земјата, што го стави процесот во мирување.
Оттогаш уставот на земјата беше двапати изменет. Во март, Уставниот суд пресуди дека обврските на потписниците предвидени со Римскиот статут се во согласност со постоечкиот Устав.