Азербејџанското Министерство за одбрана објави дека шестмина ерменски војници биле заробени минатата ноќ додека се обидувале да ја преминат границата меѓу двете земји, а таа вест ја потврди и Ереван.
Се тврди дека „непријателот извршил операција за поставување мини покрај патот за снабдување на позициите на азербејџанската армија долж границата. Со брза акција шест ерменски војници беа опколени и заробени“, се вели во соопштението.
Ситуацијата на ерменско-азербејџанската граница е тензична откако Ерменија го обвини Азербејџан за испраќање војници преку границата на 12 мај.
Вчера Азербејџан ја обвини Ерменија за прекуграничен напад врз нејзините сили во периодот од 24 до 26 мај.
Ерменското Министерство за одбрана изјави дека азербејџанските сили уапсиле шест припадници на ерменската армија додека вршеле „инженерски работи“ во зоната на провинцијата Гегаркуник на истокот на Ерменија.
Министерството посочува дека се преземаат сите потребни мерки за заробените војници да се вратат во Ерменија.