Ескобар: Црна Гора пред колапс, формирајте функционален Уставен суд, па избори

од Vladimir Zorba
247 прегледи

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар вечерва оцени дека Црна Гора е во „длабока институционална криза, пред колапс“ и порача дека примарно е да се формира функционален Уставен суд, а потоа да се организираат избори.

„Примарниот фокус треба да биде на функционирањето на Уставниот суд, а потоа веднаш на избори“, рече Ескобар во интервју за РТ Црна Гора и подвлече дека формирањето нова влада без избори е „ризичен потег“.

Претходно денеска, Ескобар разговараше со државните претставници и директно ја изрази загриженоста на Вашингтон за кризата со која се соочува Црна Гора.

Специјалните претставници на Обединетото Кралство (Велика Британија) и Германија, исто така, денеска беа во одвоени посети со иста цел.

Американскиот пратеник оцени дека Црна Гора е „многу солиден партнер во НАТО“, дека е „лидер во станувањето на следната членка на Европската унија“, но дека сега „е пред колапс“.

„Сега нема влада и Уставен суд, а мандатот на претседателот е пред крај, тоа е длабока институционална криза, пред колапс, мора да најдеме решение за тоа“, рече Ескобар.

Тој рече дека најважно е „да се избегне некаква уставна или институционална опасност“.

На прашањето дали САД ќе ја признаат новата влада без избори, тој одговори дека треба да видиме како ќе изгледа и што ќе прави и дали планира да распише избори.

Американскиот пратеник рече дека Црна Гора не го губи кредибилитетот во НАТО, туку дека е потребна функционална влада.

Тој ги повика сите политички актери во Црна Гора да ги остават своите разлики настрана „за доброто на земјата“.

Порача дека Црна Гора треба што поскоро да се врати на европскиот пат и дека тоа е најважно.

Слични содржини