Американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во Белград изрази верба и надеж дека Србите на северот на Косово нема да видат промени во нивните животи на први септември, кога владата во Приштина ќе објави почеток на спроведување на мерките на реципроцитет.
По синоќешните разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, Ескобар утринава пред новинарите изјави дека неговата надеж е дека Србите на северот на Косово „суштински нема да станат гости во сопствената земја“, дека „тие ќе бидат признати како легитимни граѓани и на Србија и Косово“ и дека „ќе продолжат да живеат мирно“.
„Тоа е моето очекување и мојата надеж. Убеден сум дека можеме да го постигнеме тоа“, изјави Ескобар, заменик помошник државен секретар на САД, во врска со спорот меѓу Белград и Приштина за мерките на косовската влада во однос на регистарските таблички и личните документи.
Тој наведе дека на секоја средба со косовските претставници во Приштина оваа недела, тој и Лајчак укажувале на неопходноста од спроведување на сите потпишани договори во бриселскиот дијалог.
„Мора да се спроведат сите елементи на дијалогот, вклучително и формирањето на Заедницата на српските општини. Ова е пораката што ја пренесовме многу јасно до косовската влада оваа недела во Приштина и при неодамнешната посета на премиерот (Албин) Курти и претседателката (Вјоса) Османи на Вашингтон“, додаде американскиот дипломат.
Ескобар рече дека „нема рокови“ за формирање на Заедницата на српските општини, но додаде дека САД очекуваат „многу наскоро за тоа да се разговара во рамките на дијалогот“.
„Тоа не значи дека мора да се постигне договор, туку дека треба да се разговара за ЗСО, за можните модалитети на имплементација“, рече тој.
Тој повеќе пати повтори дека САД не се дел од дијалогот, но силно го поддржуваат бидејќи „тие веруваат дека тоа е канал за постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите што ќе ја отклучи европската иднина на двете земји“.
„Целта на моето доаѓање е да го поддржам дијалогот со посредство на ЕУ, со цел да се најде начин за предизвикувачките прашања за регистарските таблички и излезно-влезните документи“, рече Ескобар.
Тој рече дека синоќешниот разговор со Вучиќ бил тежок „бидејќи двете страни треба да се согласат на многу компромиси“ и „бидејќи има голема разлика во ставовите меѓу учесниците во преговорите“.
Во однос на односите меѓу Србија и САД, Ескобар рече дека тој и американскиот амбасадор Кристофер Хил имале „многу добар разговор“ со Вучиќ за начините како да продолжи да се подобруваат и онака добрите односи меѓу Белград и Вашингтон.