Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, порача дека владите на балканските земји мора да научат да се справуваат со слободните медиуми, што е клучно за успехот на регионот како дел од Европа и трансатлантската заедница.
Ескобар порача дека Балканот е од витално значење за иднината на Европа, објави американската амбасада во Србија на својот официјален Твитер профил.
„Можностите овде се големи, но предизвиците се постојани. Владите на балканските земји мора да научат да се справуваат со слободните медиуми, што е клучно за успехот на регионот како дел од Европа и трансатлантската заедница“, рече тој.
Ескобар денеска во Белград се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со претставничката за состав на новата влада, Ана Брнабиќ и со директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ.
Во таа прилика американскиот пратеник изјави дека очекува продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина и натамошни чекори во нормализацијата на односите.
Ескобар во Белград допатува од Приштина, каде разговараше со највисоките претставници на Косово.