ЕСМ: Струјата е стабилна, иако врнежите ја отежнаа работата на рудниците во РЕК Битола

302 прегледи

Електрани на Македонија денеска соопшти дека обилните врнежи од снег ја отежнале работата во рудниците во РЕК Битола, но оти снабдувањето со струја е стабилно.

Во соопштението од компанијата се наведува дека од утрово во прекин е работата на Блок 2, но оти електрична енергија се испорачува и граѓаните немаат причина да стравуваат за редовното снабдување со струја. Во моментот се задоволуваат потребите на електроенергетскиот систем со производство на електрична енергија од РЕК Битола, РЕК Осломеј, хидроелектраните и ветерниот парк. Набавка на електрична енергија во моментот нема и не се планира.

– Врнежите од над 100 литри на метар квадратен и надојдената вода, предизвикаа застој во подготовките за поместување на траките кои го пренесуваат јагленот од рудникот Суводол до Термоелектраната, поради што од утрото во прекин е работата на Блок 2. Производството на електрична енергија продолжува од Блок 3, и покрај сериозните предизвици со кои се соочува Комбинатот, велат од АД ЕСМ.

Како што додаваат, електроенергетскиот систем во земјава е стабилен.

– Во услови кога Косово, делови од Србија, Романија се соочуваат со прекини во снабдувањето со електрична енергија предизвикани од временските неприлики, македонскиот електроенергетски систем е стабилен. Ги повикуваме сите чинители, а особено политичките партии во земјава, да не создаваат страв и паника меѓу граѓаните. Актуелните раководства на АД ЕСМ и на РЕК Битола секојдневно решаваат проблеми што, за жал, и ден денес имаат длабоки корени во времето кога електроенергетскиот гигант беше раководен од структури кои пристапуваа несериозно и неодговорно кон електроенергетскиот систем, се наведува во соопштението од АД ЕСМ.

Слични содржини