Етиопија протера седум претставници на Обединетите нации

од Nikola Popovski

Министерството за надворешни работи на Етиопија објави дека одлучи да протера седум високи претставници на Обединетите нации поради наводно мешање во внатрешните работи на земјата. Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки посочи дека САД ја осудуваат одлуката за протерување и изјави дека нема да се двоуми да воведе санкции против оние што ги попречуваат хуманитарните напори во земјата.

Меѓу седумте непожелни службеници се оние од Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА), пренесува Ројтерс.

Според соопштението на министерството во Етиопија, службениците на ОН се прогласени за персона нон грата и добиле рок од 72 часа да ја напуштат земјата.

Соединетите држави го осудуваат протерувањето на службениците на Обединетите нации од Етиопија и нема да се двоумат да воведат санкции против оние што ги попречуваат хуманитарните напори во земјата, изјави секретарот на Белата куќа, Џен Псаки.

Овој потег на Адис Абеба дојде откако претставникот на ОН Мартин Грифитс упати обвинувања против владината блокада на областа Тигреј, која го става населението на работ на хуманитарна катастрофа, бидејќи снабдувањето со медицинска опрема, храна и гориво е попречено од конфликтниот регион.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека е шокиран од протерувањето на седум претставници на светската организација од Етиопија, наведувајќи дека има целосна доверба во нив.

Гутереш рече дека персоналот на ОН што учествува во хуманитарните операции е „непристрасен и неутрален“, наведува Асошиејтед прес.

Тој посочи дека ОН се во контакт со владата на Етиопија „во очекување дека на предметниот персонал ќе му биде дозволено да продолжи со важна работа“.

Слични содржини