Европската централна банка (ЕЦБ) ги зголеми каматните стапки за прв пат во последните 11 години, поради зголемената инфлација во земјите кои го користат еврото, пишува Њујорк Тајмс.
Референтните каматни стапки на банката, пред зголемувањето, беа негативни 0,5 отсто. Европската централна банка денеска ги зголеми тие стапки за половина процентен поен или повторно на нула. Прво, ја постави стапката под нулата, што е невообичаен потег за централна банка, во 2014 година ги задржа стапките на историски ниски нивоа, на негативно ниво.
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, по тој повод рече дека Управниот совет, во согласност со неговата силна посветеност за зачувување на стабилноста на цените, одлучил да преземе „клучни чекори“ за да се осигура дека инфлацијата ќе се врати на целта од два проценти на среден рок.
„Одлучивме да зголемиме три клучни каматни стапки на ЕЦБ за 50 базични поени и го одобривме Инструментот за заштита на преносот (TPI)“, рече Лагард на прес-конференција, додавајќи дека Управниот совет сметал дека е соодветно да преземе „позначаен прв чекор“ за нормализирање на референтната каматна стапка отколку што беше навестено на претходната средба.
Агенцијата Ројтерс потсети дека во јавноста веќе подолго време се шпекулира дека зголемувањето на каматните стапки нема да биде повеќе од 25 базични поени. Лагард, давајќи преглед на состојбите и зборувајќи за очекуваните економски движења, рече дека економската активност во еврозоната забавува.
„Неоправданата руска агресија против Украина продолжува да го кочи растот. Влијанието на високата инфлација врз куповната моќ, тековните ограничувања на понудата и несигурноста имаат пригушувачки ефект врз економијата. Бизнисите продолжуваат да се соочуваат со повисоки трошоци и прекини во синџирот на снабдување, иако има пробни знаци дека некои од тесните грла во снабдувањето се намалуваат. Земени заедно, овие фактори значително ги заматуваат изгледите за втората половина на 2022 година и пошироко“, рече Лагард.
Таа наведе дека инфлацијата дополнително се зголемила на 8,6 отсто во јуни.
„Растот на цената на енергијата повторно беше најважната компонента на вкупната инфлација. Пазарните показатели сугерираат дека глобалните цени на енергијата ќе останат високи во блиска иднина. Инфлацијата на храната, исто така, дополнително се зголеми, достигнувајќи 8,9 отсто во јуни, делумно одразувајќи ја важноста на Украина и Русија како производители на земјоделски производи“, рече претседателот на ЕЦБ.
Таа нагласи дека се очекува инфлацијата да остане „непожелно висока“ некое време, поради постојаните притисоци врз цените на енергијата и храната и притисоците врз синџирите на снабдување.
„Повисоките инфлациски притисоци, исто така, произлегуваат од депрецијацијата на еврото. Но, гледајќи понатаму, во отсуство на нови нарушувања, трошоците за енергија треба да се стабилизираат и да се олеснат тесните грла во снабдувањето, што, заедно со тековната нормализација на политиката, треба да го поддржи враќањето на инфлацијата до нашата цел“, рече Лагард.