ЕЦБ ја продолжи важноста на репо-линијата и ѝ овозможи на НБ пристап до девизна ликвидност во евра до март 2022 година

244 прегледи

Европската централна банка (ЕЦБ) донесе одлука за продолжување на важноста на репо-линијата преку којашто минатата година, за првпат, ѝ овозможи на Народната банка пристап до девизна ликвидност во евра, со соодветно обезбедување. Имено, крајниот рок на примена на репо-линијата во вредност до 400 милиони евра е продолжен до март 2022 година. Оваа промена овозможува значителна поддршка за Народната банка од ЕЦБ, со оглед на тоа дека создава дополнителен простор за брзо и ефикасно дејствување доколку има потреба од ублажување евентуални натамошни ефекти од корона-кризата врз домашната економија и финансиските пазари, имајќи ја предвид неизвесноста на актуелната глобална криза.

Во досегашниот период, Народната банка нема искористено средства од одобрената репо-линија, со оглед на постојаното одржување и на денарската, и на девизната ликвидност на банкарскиот систем на соодветно ниво, со видлива тенденција на натамошен пораст на ликвидните средства на банките во последните неколку месеци. Сепак, ликвидносната поддршка добиена од ЕЦБ подразбира и дополнително зајакнат капацитет на нашата централна банка за дејствување заради остварување на своите цели и задачи, а при евентуално затегнување на финансиските услови на меѓународните пазари поврзано со корона-кризата и нејзините негативни ризици врз глобалната економија. Токму при вакво сценарио, овој инструмент на ЕЦБ ѝ овозможува на Народната банка брз пристап до ликвидност во евра и под поволни пазарни услови.

Дополнителна предност на репо-линијата којашто ЕЦБ ѝ ја има одобрено на Народната банка е што таа овозможува поедноставен пристап до девизни средства во евра, без притоа Народната банка да ги продава хартиите од вредност со кои располага, на трајна основа, по евентуално понеповолни пазарни услови на меѓународните финансиски пазари. Доколку е потребно, користењето на средствата од репо-линијата може да биде постепено, сѐ до постигнувањето на предвидениот максимален износ.

Репо-линијата одобрена од ЕЦБ претставува потврда за подготвеноста на Народната банка, во рамките на своите надлежности, соодветно и навремено да им одговори на предизвиците од тековната криза и успешно да ја одржува ликвидноста и макрофинансиската стабилност.

Народната банка упати благодарност до ЕЦБ за укажаната доверба и поддршка преку продолжувањето на важноста на оваа линија.

Слични содржини