Европската унија соопшти дека е од суштинско значење властите во Приштина да формираат нова влада што е можно поскоро, бидејќи повеќе од два месеци се во застој во напорите за формирање нови институции по парламентарните избори.
„Брзото формирање влада е клучно за Косово да ги унапреди важните реформи во сите сектори, што ќе го подобрат квалитетот на живот и условите за живеење на народот на Косово“, се вели во писмената реакција на Канцеларијата на Европската унија (ЕУ) во Приштина, доставена до Радио Слободна Европа.
Констатирано е дека ЕУ будно ги следи случувањата околу конституирањето на Собранието и формирањето на владата, и изрази надеж дека овој процес наскоро ќе биде завршен. Приштина не успеа двапати оваа недела да го конституира новото Собрание, поради процедурални спорови меѓу политичките партии кои освоија пратенички места на парламентарните избори одржани на 9 февруари.
Нејасно е дали несогласувањата меѓу парламентарните партии ќе бидат надминати пред продолжението на седницата, која беше прекината во четврток, денес, на 19 април.