Преведувачките служби на ЕУ го отворија повикот за толкувачи со македонски јазик, информира вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ
-Македонскиот јазик во ЕУ. Преведувачките служби на ЕУ го отворија повикот и организираат тестирања за акредитација на конференциски толкувачи со македонски јазик (МК) како А-јазик. Краен рок за поднесување онлајн апликациии е 19.01.2024, објави Маричиќ на својата Фејсбук страница.
Тој ги повика сите заинтересирани македонски толкувачи „да се пријават и со тоа да придонесат кон професионално толкување и промоција на македонскиот јазик низ институциите на Европската Унија“.
Во Предлог-преговарачката рамка што лани ја усвои Европската комисија, одредницата што се користи за именување на јазикот е – македонски (Macedonian), без никакви дополнителни објаснувања или фусноти.
Ова може да се земе како чин на официјално признавање на македонскиот јазик на ниво на ЕУ и негова промоција во еден од официјалните јазици на Европската Унија.