Советот на Европската унија донесе одлука со која, за првпат во својата историја, ќе се даде можност на Унијата да воведе санкции за физички лица и субјекти одговорни за сериозни повреди на човековите права, без оглед каде се случило тоа.
Одлуката и регулацијата на глобалниот режим на санкции ќе ѝ овозможат на ЕУ да санкционира „физички и правни лица и субјекти, без оглед дали се тие владини или невладини чинители, доколку се одговорни, вклучени или поврзани со сериозни кршења и злоупотреби на човековите права низ целиот свет“, соопшти Совет на ЕУ.
Во соопштението се вели дека одлуката „нагласува дека унапредувањето и одбраната на човековите права останува еден од темелите на надворешната политика на ЕУ и ја одразува одлучноста на ЕУ да се справи со сериозните повреди и злоупотреби на човековите права“.
Со новиот инструмент на ЕУ како мерки за казнување се предвидени забрана за патување и замрзнување на средствата и за физички и за правни лица. Покрај тоа, на лица и субјекти од земјите на ЕУ ќе им биде забрането, директно или индиректно, да финансираат субјекти под санкции.
Донесената рамка за насочени казнени мерки ќе опфати дела како геноцид, злосторства против човештвото и други сериозни повреди и злоупотреби на човековите права, како што се тортура, ропство, вонсудски егзекуции или произволно апсење и притворање, се вели во соопштението.
Другите кршења на човековите права исто така можат да потпаднат под режимот на санкции доколку се широко распространети, систематски или на друг начин доведат до сериозна загриженост во контекст на дефинираните цели на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.