Европската унија очекува Србија да се воздржи од интензивирање на односите со Русија, соопшти Европската комисија во врска со неофицијалните објави во српските медиуми дека „Russia Today“ (RT) планира да отвори телевизиска станица во Србија.
Во реакцијата на портпаролот на ЕК Петер Станo се додава дека се очекува Србија да ги почитува одлуките на ЕУ, меѓу кои е и ограничувањето на емитувањето на руската државна телевизија RT, пренесува Фена, повикувајќи се на Бета.
„RT е дел од руските пропагандни и дезинформациски инструменти со кои Кремљ ја следи илегалната агресија врз Украина и убиствата на украинскиот народ. Во овој контекст, очекуваме Србија да се воздржи од интензивирање на односите со Русија, како земја која масовно ја крши Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право“, изјави Стано за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Брисел, како дел од поширокиот пакет санкции против Москва поради инвазијата на Украина, во март го укина емитувањето на руските медиуми Спутник и РТ.
Србија од март 2012 година е кандидат за членство во ЕУ и соодветно на тоа има обврска да ги следи одлуките на Брисел за да ги исполни условите за пристапување.
Некои медиуми во Србија во четвртокот објавија дека RT планира да отвори телевизиска станица во Србија.
Фото: Sputnik / Scanpix