ЕУ го принудува „X“ да го промени системот за верификација по казната од 120 милиони евра

Oдлуката на Брисел значи дека компанијата мора да ја плати казната или да обезбеди финансиска гаранција, додека спроведува промени кои треба да ја усогласат платформата со европските правила

од Кристијан Димков
8 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/АП

Социјалната мрежа „X“, во сопственост на Елон Маск, се согласи да го промени својот систем за верификација на профили во Европската Унија откако Брисел ја казни со 120 милиони евра минатата година за кршење на Европскиот закон за дигитални услуги (DSA).

Според Блумберг, компанијата ѝ доставила на Европската комисија предлог за промени во нејзината сина значка за верификација, која ја потврдува автентичноста на корисничките сметки, објавува Еуроњуз.

Европската комисија го казни „X“ во декември бидејќи проценила дека платениот систем за верификација, воведен откако Елон Маск го купи „Твитер“ во 2022 година, може да ги доведе во заблуда корисниците. Според Брисел, таков систем може да создаде погрешен впечаток дека верификуваните сметки се нужно сигурни или официјални, иако тоа веќе не е случај.

Комисијата, исто така, предупреди дека платформата нема ажурирана евиденција за огласувачи, што може да биде проблем, особено за време на изборните кампањи, бидејќи корисниците и регулаторите не можат јасно да идентификуваат кој стои зад одредени политички пораки или реклами.

Одлуката на Брисел значи дека компанијата мора да ја плати казната или да обезбеди финансиска гаранција, додека спроведува промени кои треба да ја усогласат платформата со европските правила.

Спорот околу оваа одлука ескалираше и во дипломатска тензија меѓу Брисел и Вашингтон. Претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја обвинија Европската Унија за цензура и прекумерна регулација на американските технолошки компании.