Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ ќе го затвори својот воздушен простор за руските авиони и ќе ги забрани руските државни медиуми РТ и Спутник, објави „Скај њуз“.
„Прво, го затвораме воздушниот простор на ЕУ за авиони во руска сопственост регистрирани во Русија или под руска контрола. Тие нема да можат да слетаат, полетуваат или летаат над територијата на ЕУ, вклучително и приватни авиони на олигарси. Второ, ќе ја забраниме медиумската машина на Кремљ во ЕУ. Државните Russia Today и Sputnik и нивните филијали повеќе нема да можат да ги шират своите лаги за да ја оправдаат војната на Путин. Развиваме алатки за забрана на нивните токсични и штетни дезинформации во Европа“, рече Фон дер Лајен во Брисел.
Вечерта се очекува уште едно обраќање на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел по вонредната седница на Советот за надворешни работи на ЕУ, што може да донесе нови санкции против руските претставници.