Европската унија и Обединетите нации објавија дека во Босна и Херцеговина ќе биде лансирана нова програма во рамките на Инструментот на ЕУ за претпристапна помош, фокусирана на родовата еднаквост и социјалната поддршка за подобрување на превенцијата и одговорот на родово базираното насилство, објави босанското издание на регионалниот телевизиски канал N1.
Програмата е во вредност од осум милиони евра и ќе биде презентирана на тридневен консултативен настан што започнува денес во Сараево.
Таа е исто така еден од клучните столбови на Акцелераторот за родова еднаквост (GEA) – заедничка програма имплементирана во партнерство со Европската Унија, Шведска и Данска и имплементирана од UN Women, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), Фондот за население на Обединетите нации (UNFPA) и Детскиот фонд на Обединетите нации (UNICEF) преку соработката на ОН со институциите на Босна и Херцеговина, се вели во соопштението.
Ова е една од најзначајните нови програми во областа на борбата против насилството врз жените во Босна и Херцеговина и можност од прва рака да се слушне како ќе се промени системот за поддршка на жртвите – од полицијата и социјалните служби до безбедното домување и судскиот систем, забележува медиумот.
На настанот ќе учествуваат над 120 експерти и практичари од 55 градови, вклучувајќи претставници на министерства, центри за социјална работа, судски и здравствени институции, полиција, како и организации на жени, лица со попреченост, ромски и ЛГБТ+ здруженија, младински иницијативи, верски заедници, медиуми и организации одговорни за безбедно домување.