ЕУ и САД се договорија за преносот на податоци

од Milan1
241 прегледи

Европската унија во петокот објави дека постигнала „принципиелен“ договор со Соединетите држави за прекуграничен пренос на податоци, кој ќе го замени Штитот за заштита на податоци, поништен од Европскиот суд на правдата во јули 2020 година.

„Постигнавме начелен договор за нова структура за трансатлантски текови на податоци“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен на заедничката прес-конференција со американскиот претседател Џо Бајден.

„Ова ќе обезбеди предвидливи и доверливи текови на податоци меѓу ЕУ и САД, истовремено обезбедувајќи ја приватноста и граѓанските слободи“, рече таа, цитирана од CNBC.

Поради правна несигурност по падот на „Privacy Shield“ за тоа како компаниите ќе ги пренесуваат податоците преку границите, Меtа предупреди дека можеби ќе мора дури и да ги затвори Facebook и Instagram во Европа.

Во исто време, европските агенции за заштита на податоци издадоа наредби со кои се забранува пренос на лични податоци со помош на голем број производи, вклучувајќи ги Google Analytics, Google Fonts и Stripe.

Коментирајќи го новиот договор, Ник Клег, претседател на Меtа за глобални комуникации, рече дека договорот „дава непроценлива доверба за американските и европските компании од сите големини, вклучително и Меtа, која се потпира на брз и безбеден пренос на податоци“.

Пред склучувањето на Договорот за заштита на приватноста, преносот на податоци помеѓу ЕУ и САД беше регулиран со „Safe Harbor“ договорот.

Слични содржини