ЕУ ја одложи дебатата за Западен Балкан за 10. мај

од Vladimir Zorba
242 прегледи

Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе одржат дебата за Западен Балкан на 10 мај, наместо на 19 април, во надеж дека тогаш ќе биде можен физички состанок на Советот на министри, јавува денес РТС, цитирајќи свои извори во Брисел.

Министерскиот состанок, закажан за 19 април во Луксембург, ќе се одржи во видео формат поради епидемиската состојба, па во такви околности преовладува ставот дека е подобро дебатата за Западен Балкан да се премести на следниот физички состанок, пренесуваат дипломатски извори и наведуваат дека повеќе земји-членки инсистирале Западен Балкан да биде главна тема на состанокот во мај.

Минатиот месец, девет земји-членки, во писмо до европскиот министер за надворешни работи, Жозеп Борел, побараа „враќање на Западен Балкан“ на агендата на Советот на министри на ЕУ.

Во соопштението објавено на веб-страницата на ЕУ за неформалниот видео состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ на 19 април, со кој ќе претседава Борел, се вели дека се очекува да се разговара за најновите случувања и дека министрите подоцна ќе разменуваат мислења за Етиопија и Украина, а не се спомнува Западен Балкан.