Европската унија ја постигна својата прва цел за масовна вакцинација против Ковид-19 во голема симболична пресвртница, рече во вторникот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
„Седумдесет проценти од возрасните во Европската унија се целосно вакцинирани. Тоа се повеќе од 250 милиони луѓе “, рече фон дер Лејен во кратката видео изјава, нарекувајќи го„ големо достигнување“.
„Но, пандемијата не е завршена и ние мора да останеме будни“, рече таа, повикувајќи повеќе Европејци брзо да се вакцинираат за да избегнат нов бран на инфекција и појава на нови варијанти.
Унијата, исто така, треба да им помогне на другите земји да се вакцинираат, додаде таа, „бидејќи ние ќе ја победиме оваа пандемија само ако ја победиме во секој агол на земјината топка“.
Кампањата за вакцинација на Европската унија започна на крајот на 2020 година, а целта на Комисијата е да вакцинира 70% од луѓето постари од 18 години до крајот на септември.