ЕУ ја повика Русија да ги ослободи сите политички затвореници

од Radmila Tasevska
261 прегледи

Европската унија ја повика Русија да ги ослободи сите политички затвореници по смртта на опозиционерот Алексеј Навални, јави ДПА.

Во заедничката писмена изјава објавена по денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, Унијата нагласи дека смртта на Навални „е уште еден шокантен знак за забрзаната и системска репресија во Русија“. Во соопштението се бара ослободување на политичките затвореници.

Европската унија го повторува својот повик до Русија веднаш и безусловно да ги ослободи сите други политички затвореници, вклучувајќи ги Јуриј Дмитриев, Владимир Кара-Мурза, Илја Јашин, Алексеј Горинов, Лилија Чанишева, Ксенија Фадеева, Александра Скочиленко и Иван Сафронов.

Во соопштението се вели дека „Европската унија е огорчена од смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални“ и се додава дека „Русија мора да дозволи независна и транспарентна меѓународна истрага за околностите на неговата ненадејна смрт“.

Слични содржини