Европската унија ќе мора да соработува со Талибанците, но нема да брза со формалното признавање на таа исламистичка милитантна група како нова власт на Авганистан, изјави денеска извршниот директор на Европската комисија за Азија и Пацификот, Гунар Веганд.
Тој рече дека официјалните односи ќе бидат воспоставени само ако Талибанците исполнуваат голем број услови, вклучувајќи почитување на човековите права и неограничен пристап до хуманитарните работници, јави Ројтерс.
– Нема сомневање меѓу земјите -членки (ЕУ) и во контекст на Г7: мораме да соработуваме со Талибанците, треба да комуницираме со Талибанците, да влијаеме врз Талибанците, да ги користиме лостовите што ги има – рече тој.
– Но, ние нема да брзаме со признавање на оваа нова формација, ниту со воспоставување официјални односи – им рече тој на членовите на Европскиот парламент во Брисел.
Веганд посочи дека не е јасно дали Талибанците ќе можат ефикасно да владеат, но дека за ЕУ, клучниот услов за воспоставување официјални односи е воспоставување инклузивна и репрезентативна преодна влада.
Тој рече дека другите услови за признавање на Талибанците ќе овозможат слободен премин за Авганистанците кои сакаат да ја напуштат земјата, воздржување од одмазда кон оние поврзани со странски сили или поранешната влада и спречување на Авганистан да стане рај за терористите.