ЕУ ќе преговара со Кина за електричните возила и по конечното гласање за царините

од Vladimir Zorba
14 прегледи

Европската комисија ги информираше државите на Европската унија дека ќе ги продолжи преговорите со Кина за електрични возила (EV) дури и по конечното гласање за тарифите за електричните автомобили од оваа земја, пренесува Ројтерс повикувајќи се на анонимни информирани извори.

Комисијата што спроведува истрага против субвенционирање на електрични возила од кинеско производство испратила конечен предлог за тарифи што членките на Европската унија ќе ги изгласаат во петок, 4 октомври, според повеќе упатени извори.

Разговорите со Пекинг досега не го решија спорот околу наводните кинески субвенции, но преговорите би можеле да продолжат дури и ако земјите од Европската унија се согласат на нови повисоки царини за кинеските електрични возила.

Тарифите ќе бидат усвоени доколку на одлуката не се спротивстави квалификуваното мнозинство од 15-те земји на Европската унија, кои претставуваат 65 отсто од населението на ЕУ.

Крајниот рок за донесување на оваа одлука, за која може да биде потребен втор круг гласање, е 30 октомври, додава британската агенција.

Доколку се одобрат европските тарифи за електричните возила од Кина, тие ќе важат во следните пет години.

Слични содржини