ЕУ не ја исполни првата поставена цел за вакцинација

од Stefanija Kuzmanovska

Ниту една земја-членка на ЕУ не ја исполни првата поставена цел, а тоа е да се вакцинираат 80 отсто од здравствените работници и населението постаро од 80 години до крајот на март, беше речено денеска во Брисел.

Европската комисија се надева дека со очекуваната испорака на 360 милиони дози вакцини во вториот квартал, втората поставена цел на ЕУ, од 70 отсто вакцинирана возрасна популација до крајот на летото, ќе биде постигната.

– Ни требаше време да дојдеме до полна брзина при испорака на вакцините. Во првиот квартал беа доставени 107 милиони дози до земјите-членки, што требаше да обезбеди вакцинација на овие приоритетни групи. Ние сметаме на 360 милиони дози во вториот квартал, што ќе ни помогне да ја постигнеме втората цел, што е 70 отсто вакцинирана возрасна популација – вели портпаролот на Комисијата, Стефан де Керсмакер.

Европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бартон, за време на викендот изјави дека со забрзано производство и вакцинација, колективниот имунитет во ЕУ може симболично да се постигне до 14 јули, што е Ден на падот на Бастилја и пресвртна точка на француската револуција.

Слични содржини