ЕУ не ја оправдува употребата на европското знаменце на законите за Коридорите 8 и 10Д

од Nikola Popovski
261 прегледи

Делегацијата на ЕУ во Скопје не го оправдува користењето на европското знаменце на предлог-законите за изградбата на Коридорите 8 и 10Д. Од таму велат дека означувањето на законите со европско знаме има за цел да помогне да се забрза интеграцијата на Македонија во ЕУ и според тоа треба да има за цел усогласување на законодавството со законодавството и стандардите на ЕУ.

-Во овој случај, предлог-законите се чини дека не се однесуваат на усогласување со таквите стандарди. Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања, велат од Делегацијата на ЕУ и појаснуваат дека употребата на брзи процедури треба да се ограничи и да се применува само кога е оправдано за унапредување на реформската агенда на ЕУ.

Ваквата реакција следува откако првиот вицепремиер Артан Груби денеска обелодени дека Владата на денешната седница усвоила пет предлог-закони кои ќе ги достави до пратениците.

-Одлучивме законите да се предложат со европско знаменце. Ги замолуваме пратениците да се откажат од блокади и да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра пари на граѓаните и да не ги загрозуваат националните и стратешки проекти, само заради дневна политичка агенда, рече Груби на прес-конференција во Владата.

Со владините предлог-измени треба да се надмине блокадата на предлог-решенијата на осум закони кои беа предложени од пратеници на владејачкото мнозинство, кои беа поднесени по скратена постапка, но заглавија во собраниска процедура поради големиот број амандмани во текот на комисиските расправи по нив.

Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој е избрана за стратегиски партнер за реализација на проектот за изградбата на автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д, беше потпишан во Владата на 8 март во Владата, а изградбата на делниците ќе чини 1,3 милион евра.

Слични содржини