ЕУ не одобри нов пакет санкции врз Русија

од Nikola Popovski
199 прегледи

Дипломатите на ЕУ не го одобрија новиот пакет санкции против Русија, предложен од Европската комисија, бидејќи треба да се решат техничките прашања, вклучително и дали забраната за увоз на јаглен од Русија ќе влијае на постоечките договори, пишува Ројтерс, повикувајќи се на неименувани извори.

Европската комисија во вторникот предложи забрана за увоз на сите видови јаглен од Русија, како дел од поширокиот пакет мерки кои дополнително ќе ја ограничат трговијата со Москва.

Санкциите мора да бидат одобрени од владите на ЕУ, но загриженоста беше изразена на денешниот состанок на претставниците на ЕУ, изјавија три неименувани извори за Ројтерс.

Како што наведоа, едно од клучните прашања го покрена Германија, која е најголем увозник на руски јаглен.

Берлин побара појаснување дали забраната за јаглен ќе влијае на постоечките договори или само на идните, додаваат извори од британската агенција.

Портпаролот на германскиот пратеник во Брисел, според Ројтерс, одбил да коментира за ова прашање.

Германија претходно го блокираше обидот на ЕУ да го забрани увозот на руски јаглен, како одговор на кризата во Украина.