Европската унија во четвртокот остро ја осуди одлуката на рускиот суд со која политичките организации на Алексеј Навални беа прогласени за екстремистички, со што им се забранува да работат пред парламентарните избори.
„Вчерашната одлука на судот во Москва претставува најсериозен напор на руската влада до денес за сузбивање на независните политички опозициски и антикорупциски истраги и елиминирање на влијанието на политичките мрежи на Алексеј Навални пред и по изборите во Државната дума во септември“, рече високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.
Судската пресуда практично ги забранува активностите на Фондацијата за борба против корупција, основана од Навални, и ги спречува неговите сојузници да учествуваат на изборите.
Рускиот претседател Владимир Путин пред неколку дена потпиша закон за забрана на лица поврзани со екстремистички групи да учествуваат на избори за неколку години.
„Тоа е неоснована одлука со која се потврдува негативната шема на систематско сузбивање на човековите права и слободи загарантирани со рускиот устав. Оваа пресуда ќе има далекусежни последици за руското граѓанско општество, опозицијата и критичките гласови. Ја повикуваме руската влада целосно да ги почитува своите меѓународни обврски“, рече Борел.
Борел уште еднаш повика на итно и безусловно ослободување на Алексеј Навални, нагласувајќи дека неговата пресуда е „политички мотивирана и спротивна на меѓународните обврски на Русија“.