ЕУ: „Подготвени сме за економската штета од Русија“

од Vladimir Zorba
167 прегледи

Европската унија е подготвена да ги сноси економските штети од воведувањето санкции кон Русија, кои најверојатно најмногу ќе произлезат од растот на цените на енергенсите, изјавија високи финансиски претставници на ЕУ.

Лидерите на 27-члениот блок се согласија да воведат нови санкции за рускиот финансиски, енергетски и транспортен сектор, да воведат контрола на извозот и да додадат повеќе руски граѓани на црната листа по одлуката на претседателот Владимир Путин да започне воена операција во Украина.

Тоа значи дека земјите од ЕУ кои продаваат стоки на Русија ќе забележат пад на трговските приходи. Русија, главниот снабдувач на енергија во Европа, би можела да му возврати на Брисел со ограничување на продажбата на гас, нафта и јаглен, иако тоа би ја чинело Москва, наведува Ројтерс.

„Се разбира, цената на оваа војна ќе ја платиме економски. Денеска ќе разговараме како оваа војна ќе влијае на нашите економски прогнози“, изјави европскиот економски комесар Паоло Џентилони по пристигнувањето на разговорите со министрите за финансии на ЕУ во Париз.

Според него, „трошоците за реагирање на оваа инвазија, на ова прекршување на меѓународното право се трошоци што мораме да си ги дозволиме“.

Главниот економист на Европската централна банка, Филип Лејн, им порача на своите колеги, креаторите на монетарната политика, дека конфликтот во Украина може да го намали бруто домашниот производ (БДП) на еврозоната за 0,3 до 0,4 отсто оваа година.

Претходно во февруари, Европската комисија прогнозираше дека економскиот раст на еврозоната ќе биде 4 проценти оваа година, намалувајќи ја проекцијата од 4,3 проценти во ноември минатата година поради ширењето на епидемијата на ковид-19, тесните грла во синџирот на снабдување и рекордно високата инфлација, предизвикани од скокот на цените на енергенсите.

Џентилони рече дека „руската инвазија на Украина“ сега ја направи прогнозата за раст од 4 отсто понеизвесна.

„Ќе разговараме за тоа како да ги заштитиме нашите луѓе и нашите економии. Секако дека има последици, на пример во енергетскиот сектор, но ние сме подготвени“, изјави германскиот министер за финансии Кристијан Линднер.

Неговиот француски колега Бруно Ле Мер смета дека санкциите ќе бидат болни главно за Русија.

„Руската економија ќе ја плати цената за одлуката на Владимир Путин. Руските олигарси ќе платат за неразумните одлуки на Владимир Путин“, изјави Ле Мер за новинарите.

ЕУ подготвува планови за намалување на зависноста од рускиот гас.

„Предлагаме заедничка европска набавка на природен гас, воспоставување стратешки резерви на гас со цел да се намали нашата зависност од руското снабдување“, изјави потпретседателот на Европската комисија – Валдис Домбровскис.

Тој додава дека неделава преговараат и со други добавувачи.

„Премиерот на Норвешка беше во Брисел оваа недела. Ние секако треба да го зајакнеме нашиот отпор кон можните манипулации на рускиот пазар“, изјави Домбовскис, цитиран од Ројтерс.

Слични содржини