Лидерите на ЕУ во петокот наутро по разговорите во текот на ноќта се согласија за целта да се намалат нето-емисиите на стакленички гасови од сегашните 40 проценти на најмалку 55 проценти до 2030 година, во споредба со 1990 година.
„Европа е лидер во борбата против климатските промени. Одлучивме да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 проценти до 2030 година”, објави претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел на Твитер во петокот наутро.
Деталите за договорот сè уште не се објавени.
Ова е многу чувствително прашање затоа што посиромашните членки кои се енергетски зависни од фосилни горива стравуваат дека исполнувањето на овие амбициозни цели ќе ги чини премногу.
Полска, Унгарија и Чешка бараат гаранции дека можат да користат природен гас и нуклеарна енергија за да ги исполнат своите климатски цели и доволно европски пари за да им помогнат на посиромашните земји да ја направат својата зелена транзиција.