ЕУ постигна договор за систем што ќе го следи престојот на граѓаните во и надвор од Унијата

од Љубиша Владимиров
31 прегледи

Европскиот Совет и Европскиот парламент во понеделникот постигнаа договор за воведување на нов систем за контрола на границите, наречен Систем за влез/излез (EES). Овој електронски систем ќе го замени досегашното ставање печати во пасошите на патниците кои влегуваат и излегуваат од земјите-членки на Европската Унија.

Договорот сега треба официјално да биде потврден од двете институции, по што Европската Комисија ќе донесе одлука за почетокот на постепеното воведување на системот. Преодниот период ќе трае шест месеци, во текот на кој ќе се одвива постепено поставување на системот, а печатите во пасошите ќе се користат уште малку.

Новата регулатива ќе важи за сите лица од земји кои не се членки на ЕУ, а кои влегуваат во Шенген зоната. Системот автоматски ќе ја бележи точната дата, време и место на влез и излез на овие патници, како и ќе го пресметува времето колку можат да останат во ЕУ. Исто така, ќе испраќа предупредувања до земјите-членки ако некој патник го надминува дозволениот престој од 90 дена.

Планирано беше системот да започне да се користи уште во ноември минатата година, но поради тоа што не сите земји беа подготвени, воведувањето беше одложено. Сега се предлага постепено да почне, а во првите два месеци земјите-членки ќе можат да го користат системот и без собирање биометриски податоци.

По три месеци од почетокот, системот ќе треба да ги бележи и биометриските податоци, како отпечатоци од прсти и фотографии, најмалку за половина од патниците кои ја преминуваат границата. Целосното користење на системот се очекува да биде завршено до крајот на преодниот период.

На тој начин, службениците за гранична контрола ќе можат поефикасно да ја следат миграцијата и престојот на странците во земјите на ЕУ, а патниците ќе го избегнат досегашното ставање печати во пасошите, што ќе ги забрза и олесни премините низ граничните контроли.

Слични содржини