Во 2024 година, земјите од Европската Унија произведоа вкупно 34,7 милијарди литри пиво – од кои 32,7 милијарди литри содржеа повеќе од 0,5 проценти алкохол, додека две милијарди литри беа пиво со помалку од 0,5 проценти алкохол или безалкохолно пиво.
Во споредба со 2023 година, производството на пиво со повеќе од 0,5 проценти алкохол во ЕУ се зголеми за 0,6 проценти, додека производството на пиво со ниска или безалкохолна содржина забележа многу посилен раст од 11,1 проценти, според извештајот на Европскиот завод за статистика (Евростат) објавен по повод Меѓународниот ден на пивото, кој се слави секоја година првиот петок во август.
Листата на водечки производители на пиво во ЕУ остана непроменета во 2024 година. Со 7,2 милијарди литри, Германија сè уште ја држи водечката позиција во производството на алкохолно пиво, кое учествува со 22,2 проценти во вкупното производство во ЕУ – исто како и претходната година.
На второ место е Шпанија со четири милијарди литри и учество од 12,3 проценти во вкупното производство, додека зад неа е Полска со 3,4 милијарди литри и учество од 10,6 проценти. Холандија со производство од 2,2 милијарди литри и учество од 6,8 проценти и Белгија со 2,1 милијарди литри и учество од 6,3 проценти се исто така во првите пет.
Во 2024 година, Холандија ја задржа својата позиција како водечки извозник на алкохолно пиво меѓу земјите од ЕУ, со вкупен извоз од 1,5 милијарди литри, во и надвор од ЕУ. Сепак, во споредба со 2023 година, извозот од Холандија е намален за 12 проценти.
На листата на најголеми извозници, по оваа земја следуваат Германија и Белгија (двете со по 1,4 милијарди литри), Чешка (0,6 милијарди литри) и Ирска (0,5 милијарди литри).
Кога станува збор за увоз, Франција повторно беше најголем увозник на алкохолно пиво во ЕУ со 0,8 милијарди литри (800 милиони литри). По неа следува Италија со повеќе од 0,7 милијарди литри, по што следат Шпанија и Германија со речиси 0,6 милијарди литри, додека Холандија увезе речиси 0,5 милијарди литри.