ЕУ против Кина – создава сопствена верзија на „Еден појас, еден пат“

од Vladimir Zorba

Европската унија планира да мобилизира 300 милијарди евра јавни и приватни инвестиции во инфраструктурата до 2027 година, давајќи им на земјите во развој алтернатива на кинескиот „Еден појас, еден пат“, пишува „Bloomberg“.

Иницијативата „Global Gateway“ ќе биде претставена денеска и ќе вклучува инвестиции во дигитални, транспортни, енергетски и здравствени проекти. И иако експлицитно не ја споменува Кина, предлогот се соочува со конкурентниот план на Пекинг, за кој критичарите постојано предупредуваа дека ги става земјите во неодржливо ниво на задолженост.

„ЕУ ќе обезбеди финансирање под фер и поволни услови за да се намали ризикот од должнички стрес“, се вели во нацртот. Партнерите ќе мора да го почитуваат „владеењето на правото; човековите, социјалните и работничките права; да го почитуваат меѓународното право и стандардите за интелектуална сопственост“.

За финансирање на проектот, ЕУ ќе го користи Европскиот фонд за одржлив развој, кој има можност да издаде гаранции за 40 милијарди евра. Брисел ќе понуди и грантови во вкупна вредност од 18 милијарди евра од други програми.

Програмата, исто така, има за цел да привлече приватен капитал за да ги зголеми инвестициите. Конкретно, планот ги обединува постоечките иницијативи и програми за финансирање за заштита на интересите на Европа и конкурентноста на Унијата ширум светот, како и за поддршка на одржливи еколошки стандарди и вредности како што се демократијата и заштитата на човековите права.

„Global Gateway има потенцијал да ја направи ЕУ поефикасен геополитички играч“, рече Михаел Клаус, германски амбасадор во ЕУ. „За многу земји партнери, предлогот за соработка заснован на правила и вредности ќе биде атрактивна алтернатива на кинеската иницијатива“.

Стратегијата следи по јулскиот договор меѓу земјите од Г7, во кој лидерите се согласија за глобална инфраструктурна иницијатива наречена Build Back Better World.

Слични содржини