ЕУ размислува за рестрикции за патниците од Кина

од Nikola Popovski
188 прегледи

Во среда, на 4 јануари, здравствените експерти на владите во ЕУ ќе разговараат за заедничкиот одговор на зголемувањето на бројот на заразени со коронавирус во Кина, соопшти денеска портпаролката на шведското претседателство со Европската унија.

Досегашните дискусии на здравствени експерти од владите на ЕУ, здравствените агенции на ЕУ и претставници на Светската здравствена организација за ситуацијата со корона вирусот во Кина, што се одржаа на 29 декември минатата година, не доведоа до заеднички заклучок, пренесува Ројтерс.

Италија побара од другите членки на ЕУ да го следат нејзиниот пример и да воведат тестирање на патници од Кина, со оглед на најавата на Пекинг дека ќе ја укине забраната за патување од земјата на 8 јануари, но не најде поддршка од остатокот од ЕУ. Европската комесарка за здравје и безбедност на храна Стела Киријакидес испрати писмо до владите на ЕУ на 29 декември, во кое им препорача да го зголемат опсегот на геномското секвенционирање на инфекциите со Ковид-19.

Втората препорака на еврокомесарот е владите да го следат биолошкиот состав на водата за пиење, вклучително и на аеродромите, за да можат да откријат евентуално нови видови на вируси кои можат да пристигнат од Кина. Според Киријакидес, ЕУ треба да биде „многу претпазлива“ поради недостигот на веродостојни епидемиолошки податоци за ситуацијата со корона вирусот и тестирањето во Кина.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) минатата недела соопшти дека во моментов не препорачува никакви посебни мерки за патниците кои пристигнуваат од Кина. Според соопштението на ECDC, видовите на корона вирусот што циркулираат во Кина веќе постојат во Европската унија, а голем процент од граѓаните на ЕУ се вакцинирани, така што нема голем потенцијал за нов бран на зарази од Кина.

Слични содржини