Европската унија ги смета руските власти одговорни за злосторствата во украинските градови, бидејќи тие имаа целосна контрола врз сега ослободеното подрачје и работата на новите санкции веднаш започнува, изјави во понеделникот високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
„Сторителите на воени злосторства и други тешки прекршувања, како и одговорните владини функционери и воени лидери ќе одговараат. Руските власти се одговорни за овие злосторства, извршени додека имаа целосна контрола врз областа. Европската унија ги поддржува сите мерки за да се обезбеди одговорност на руските вооружени сили за кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право во Украина“, се вели во писмената изјава објавена од Борел во име на Европската унија.
Во соопштението најостро се осудуваат злосторствата извршени од руските вооружени сили во неколку окупирани украински градови кои сега се ослободени.
„Вознемирувачките слики од голем број убиени цивили, како и уништувањето на инфраструктурата го покажуваат вистинското лице на бруталната руска агресија против Украина и нејзиниот народ. Масакрите во Буча и другите украински градови ќе бидат на списокот на злосторства извршени на европско тло“, се вели во соопштението.
Борел посочува дека ЕУ целосно ја поддржува истрагата за воени злосторства и злосторства против човештвото што ја започна обвинителот на Меѓународниот кривичен суд и работата на Меѓународната истражна комисија и дека му помага на украинскиот јавен обвинител и граѓанското општество во собирањето и зачувувањето докази за воени злосторства.
„Ние сме во целосна солидарност со Украина и нејзиниот народ во ова мрачно време за целиот свет. ЕУ ќе продолжи силно да ја поддржува Украина и итно ќе почне да работи на дополнителни санкции против Русија“, се вели во изјавата на Борел во име на ЕУ.