ЕУ-САД: Не избори, има нови 10 барања до Груевски и Заев и рок до 20 февруари

од Vladimir Zorba

Амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, испорачаа официјално писмо со конкретни барања и рок да се исполнат, ако Македонија сака да оди на избори какви што предвидува пржинскиот договор. Тие лично му ги предадоа вчера на премиерот Емил Димитриев. Тоа се критериумите кои Вашингтон и Брисел ќе ги користат кога ќе кажат дали има услови да се одржат кредибилни избори или не. Без слободни толкувања и медиумски манипулации е овојпат намерата на ЕУ и САД . Напишаа конкретно што мора да се направи, и со најава дека сето ова мора да се исполни пред 20 февруари, кога тие ќе ни  кажат може или не да се оди на избори. Ова значи дека датумот 24 станува ирелевантен, а важни се условите под кои ќе се оди. Главно во писмото е МОРА ,  а не е би требало, изричити се ЕУ и САД, и тоа:.
bejli-i-orav-860x680

Прв критериум што САД и ЕУ го бараат е: до 19 февруари Државната изборна комисија мора да биде обезбедена со персонал и со потребните финансии.

Што се однесува до избирачкиот список, мора да бидат завршени првичните вкрстени проверки на сите релевентни бази на податоци за да се добие подобра слика за тоа колку опсежен ќе биде процесот на прочистување, вклучително и теренските проверки.

ДИК, стои во писмото, мора да има веродостојна програма и доволно време и ресурси за да може да ги истражи и одлучува по неправилностите што ќе се откријат за време на вкрстената проверка. Мора да постои јасна законска рамка за навремено отстранување на имиња што не припаѓаат во избирачкиот список, како и да бидат воведени соодветни механизми за одбележување на имињата што нема да можат да бидат отстранети, но за кои ќе биде потребна дополнителна проверка.

Во писмото се бара да постои опсежен и фер механизам за разгледување на жалбите што ќе произлезат од процесот на прочистување на избирачкиот список, а ОБСЕ да биде поканета да ја набљудува процедурата.

Следниот  критериум е политичките лидери да постигнат договор за реформите во медиумите за да се обезбеди објективно и непристрасно информирање и еднаков третман на политичките партии.

Амбасадорите како важен и задолжителен  критериум го наведуваат преземањето соодветни мерки што ќе обезбедат доволна одвоеност на државата од политичките партии.

„Високите јавни функционери мора да дадат јасни изјави и писмени инструкции дека нема да се толерира никаков притисок врз вработените на јавната администрација и дека ниту еден вработен и граѓани нема да се плаши за своето работно место и за примање на социјални услуги за поддржување или неподдржување на која било политичка партија“, стои во писмото.

Не го убивајте гласникот!

По средбата која траеше четириесетина минути, Бејли и Орав дадоа изјави во кои рекоа дека имале конструктивна средба со премиерот Димитриев на која дале поддршка за кредибилни избори. Притоа Бејли ги повика партиските лидери да се воздржат од напади на јавни функционери чија работа е да создадат услови за кредибилни избори, бидејќи како што рече имаат тешка работа за завршување.

„Таквата реторика не е од корист и ја намалува довербата дека изборите можат да се одржат во услови да бидат пошироко прифатени како слободни и фер“, рече Бејли.

Претставникот на ЕУ и на Хан , евроамбасадорот Аиво Орав исто така порача:

„Само што имавме конструктивна средба со премиерот Димитриев, во која ги  повторивме нашата поддршка за кредибилни избори и нашата заложба за понуда на континуирана техничка и друга помош, со цел да се помогне да се создадат услови кои ќе овозможат такви избори.

Со договорот од Пржино 24 април е утврден како датум. Договорот, исто така, ги обврзува потписниците на структурни реформи, вклучувајќи мерки да се обезбеди поголема слобода на медиумите, ревидиран список на гласачите и спроведување на сите препораки од ОБСЕ/ОДИХР со цел да се овозможат слободни и фер избори. Останува значително работа за да се исполнат тие услови. Пред распуштањето на парламентот и не подоцна од 20 февруари, ЕУ и САД, во консултации со меѓународни и локални експерти, заеднички ќе оценат дали постојат услови што ќе водат до одржување на кредибилни избори на 24 април. На нашата средба со премиерот ги споделивме критериумите што ќе ги користиме. Исто така, тие критериуми ги споделивме со партиските лидери кои го потпишаа договорот од Пржино и со кои тесно соработуваме повеќе месеци. Тие, исто така, ќе бидат достапни на јавноста“.

Американскиот амбасадор Бејли соопшти дека на средбата како пријатели на Македонија ги дале и своите ставови:

–На крајот останува на Владата, Собранието и на политичките лидери да донесат одлука. Тие се одговорни за враќањето на државата на евроатлантскиот пат. Исто така, повторивме дека ги охрабруваме сите политички партии, граѓани и организации да учествуваат на изборите. Таквото учество е најдобар начин да се зајакне демократскиот процес. Сакаме да видиме како Македонија се развива во просперитетна демократија во рамките на евроатлантската заедница, порачаа Бејли и Орав по средбата со премиерот Димитриев

loading...

Слични содржини