Унгарскиот премиер Виктор Орбан нема да им недостига на повеќето европски лидери доколку ги загуби изборите на 12 април, откако блокираше клучни политики, како виталната поддршка за Украина, но не се очекува дека неговиот ривал, во случај на победа, целосно ќе го промени пристапот на Будимпешта кон Европа.
Повеќето анкети на јавното мислење сугерираат дека националистичката партија на Орбан, Фидес, која е на власт од 2010 година, би можела да загуби од Тиса, партијата од десниот центар на Петер Маѓар.
Орбан, кој одржува пријателски односи со рускиот претседател Владимир Путин и е близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, често ги лутеше партнерите од ЕУ, а неодамна го блокираше заемот за Украина од 90 милијарди евра. „Ова беше капката што ја прелеа чашата“, изјави еден дипломат на ЕУ. „Од наша страна, надежта дека ќе го вразумиме Орбан исчезна“, додаде тој.
Доколку Орбан ја загуби власта, дипломати од повеќе влади на ЕУ се надеваат дека ќе престане унгарската политика на блокади, од заемот за Украина до санкциите против Русија и насилните израелски доселеници.
Ако Орбан победи и продолжи да го користи правото на вето, некои функционери очекуваат да се создаде притисок за маргинализирање на Унгарија. „Се чини дека ‘повеќе од истото’ веќе не е опција за мнозинството земји на ЕУ“, изјави за Ројтерс поранешниот летонски премиер Кришјанис Каринш, кој со години седел со Орбан на маса на самитите на ЕУ.
„Ако Орбан остане, ќе мора да го смениме начинот на кој работиме“, додаде висок европски функционер. Портпаролот на унгарската влада не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.
Ројтерс разговараше со повеќе од десет сегашни и поранешни функционери запознаени со односите меѓу Европа и Унгарија за импликациите од изборите следниот месец врз Европската унија. Говорејќи под услов на анонимност, многумина отворено го изразија своето незадоволство од Орбан.
„Мислам дека сите се надеваат дека Орбан ќе загуби“, изјави друг дипломат на ЕУ.
Европските функционери долго време се загрижени поради ерозијата на демократските норми во Унгарија, откако Орбан ја консолидира извршната власт, ги ограничи медиумските слободи и активностите на невладините организации и водеше кампањи за омаловажување на Европската унија и нејзините политики.
Орбан ги негира обвинувањата за нарушување на демократијата, претставувајќи се како бранител на традиционалните христијански вредности на Европа против отуѓената либерална елита.
Но блиските врски на владата на Орбан со Кремљ, дури и по руската инвазија врз Украина во 2022 година, доведоа до подлабок јаз меѓу Будимпешта и многу западни престолнини.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц минатата недела изјави дека ветото на Орбан за заемот за Украина е чин на „груба нелојалност“ што му наштетил на угледот и способноста за дејствување на ЕУ.
Иако многумина во Брисел се надеваат на нова ера во односите со Будимпешта во случај на победа на Тиса, присутна е и претпазливост. Вера Јоурова, поранешна заменик-претседателка на Европската комисија, изјави за Ројтерс дека победата на опозицијата „би ја обновила шансата за единство во основните безбедносни прашања“ во Унијата со 27 членки.
Но Маѓар, кого во Брисел го паметат како остар преговарач додека бил унгарски дипломат, сепак би бил меѓу најскептичните гласови за миграцијата и можноста за приклучување на Украина кон ЕУ, велат функционери.
„Имам многу малку илузии за погледот на Маѓар кон светот. Треба да внимаваме да не очекуваме премногу“, изјави трет дипломат на ЕУ. „Разликата ќе биде повеќе во тонот отколку во суштината“, додаде. „Маѓар е од истото политичко семејство (како Орбан), никој не очекува револуција“, изјави четврти дипломат.
Маѓар изјави дека сака цврсто да ја вкотви Унгарија во ЕУ и НАТО, а особено е заинтересиран за одмрзнување на поголемиот дел од околу 17 милијарди евра средства од ЕУ наменети за Унгарија. Овие средства Брисел ги замрзна бидејќи Орбан одбива да ги почитува стандардите за владеење на правото.
„Не очекувам промена од 180 степени (од влада предводена од Маѓар) во односите со ЕУ, но може да се очекува поконструктивен однос со Брисел“, изјави Ричард Демењи, аналитичар од тинк-тенкот „Политикал капитал“ со седиште во Будимпешта.
Советник на Маѓар, зборувајќи под услов на анонимност, рече дека е точно дека неговата влада не би се разликувала многу од администрацијата на Орбан по прашањата за миграцијата и проширувањето на ЕУ.
„Но разликата е во тоа што Орбан го користеше тоа за уцена (на Европската унија) и за застапување руски интереси. Ние ќе ги застапуваме унгарските интереси“, додаде советникот.