Европската унија се согласи за нови санкции против Русија и Белорусија поради руската инвазија на Украина, објави француски официјални лица за „Ројтерс“, чија земја моментално претседава со ЕУ. Санкциите најмногу ќе бидат насочени кон високи руски функционери и олигарси. Ќе вклучи и ограничувања во поморскиот сектор, а три белоруски банки ќе бидат исклучени од системот SWIFT.
Урсула фон Дер Лејен, претседател на Европската комисија, денеска на Twitter објави дека ЕУ начелно се договорила за санкциите, додавајќи дека вкупно 160 лица од Русија ќе бидат на списокот со санкции. Зборувајќи за поморскиот сектор, таа изјави дека ќе биде забранет извозот на поморска навигација за Русија.
Се чини дека списокот на санкции ќе вклучува и средства во криптовалути.
We are further tightening the net of sanctions responding to Russia’s military aggression against Ukraine
•Listing 160 individuals: oligarchs, Russian Federation Council members
•Belarus banking sector
•Export of maritime navigation technology to Russia
•Adding crypto-assets— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) March 9, 2022
Според Французите, овие мерки биле одобрени од COREPER II, Комитетот на постојани претставници на Европската унија, кој е помошно тело на Советот на ЕУ.
Ројтерс додава дека овие санкции ќе бидат формално одобрени од лидерите на 27-те земји-членки на самитот што ќе се одржи утре и задутре во Версај.
Меѓу последните санкции воведени кон Русија се и вчерашните, американските. Имено, претседателот Џо Бајден го најави американското ембарго за увоз на нафта и гас од Русија, зголемувајќи го притисокот врз Москва како одмазда за инвазијата на Украина.
„Одиме со ова знаејќи дека многумина во ЕУ не се во позиција да ни се придружат. Ние во САД произведуваме повеќе нафта од целата ЕУ, така што можеме да си го дозволиме ова. Но, ние работиме со нив на долгорочна стратегија за намалување на нивната зависност од руската нафта“, рече Бајден.
Речиси во исто време, секретарот на Министерството за енергетика и економија на Обединетото Кралство, Кваси Квартенг, објави дека Обединетото Кралство постепено престанува да купува руска нафта. Планот е постепено да престане увозот на нафта и нафтени деривати до крајот на 2022 година.