ЕУ: Шмит треба да ги користи своите овластувања само како последна мерка

Шмит, кој не е признат во Република Српска, вчера ја објави одлуката за воведување измени во Изборниот законик и додаде дека тоа го прави за доброто на сите граѓани на БиХ.

од Бети Божиноска
200 прегледи

Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, треба да ги користи своите извршни овластувања само како последна мерка против непоправливи незаконски дејствија, објави Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во врска со одлуката на Шмит да воведе измени во Изборниот закон на БиХ, пренесува „Политика“.

Во соопштението на ЕЕАС се наведува и дека од властите во БиХ се очекува да ги спроведат неопходните реформи за да се обезбеди спроведување на изборите во согласност со европските стандарди, преку спроведување на препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР), како и на соодветните препораки на Венецијанската комисија.

Од босанските власти се очекува да обезбедат транспарентност во финансирањето на политичките партии.

„Европската унија силно препорачува Парламентот на Босна и Херцеговина да преземе одговорност и да ги усвои овие реформи бидејќи лидерите на државната коалиција се обврзаа да го сторат тоа навреме за спроведување на општинските избори во октомври“, се наведува во соопштението.

Посочено е дека опсежниот меѓународен надзор е некомпатибилен со европската иднина на БиХ и дека од сите актери се очекува да се однесуваат одговорно и да покажат воздржаност во периодот што следува.

„По одлуката на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори, ЕУ ќе продолжи да работи со властите на БиХ за да напредува на европскиот пат“, се додава во соопштението.

Шмит, кој не е признат во Република Српска, вчера ја објави одлуката за воведување измени во Изборниот законик и додаде дека тоа го прави за доброто на сите граѓани на БиХ. Во објавувањето на својата одлука, Шмит рече дека таа е во согласност со неговиот мандат.

Според него, промените вклучуваат, меѓу другото, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК) да ги назначува претседателите на избирачките одбори, воведување скенери и видео надзор. Тој додаде дека ниедна земја не може да биде членка на ЕУ ако не ги прифати правните документи на Унијата и дека одлуката за тоа ја носи ЕУ, а не домашните политичари.

Слични содржини