Европската унија денеска објави дека воведе санкции за 12 лица во Русија, вклучувајќи го и директорот на затворот во кој се наоѓа опозиционерот Алексеј Навални, а воведе и санкции за пет субјекти одговорни за „сериозно кршење на човековите права“.
Овие мерки беа воведени според Глобалниот режим на санкции на ЕУ за кршење на човековите права.
-Усвоените санкции се насочени кон оние кои „ја злоупотребиле технологијата за препознавање лица со цел произволни масовни апсења во Русија, како и донесување политички мотивирани пресуди против опозициски фигури, активисти за демократија и остри критичари на Кремљ, како што се Алексеј Навални и Владимир Кара Мурза, објави Советот на ЕУ, кој ги претставува 27-те членка на Унијата.
Санкционирани се различни тела на градот Москва, министри во градската влада и заменици градоначалници, три компании кои произведуваат или организираат тендери за системи за препознавање лица.
-Санкциите ги погодуваат и лицата одговорни за управување со казнената колонија каде што се наоѓа Навални откако беше изречена неговата политички мотивирана казна во март 2022 година, а член на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) кој беше вмешан во обидот за убиство на Владимир Кара-Мурза со помош на нервен агенс исто така беше санкциониран, се вели во соопштението.
-ЕУ соопшти дека го осудува континуираното влошување на човековите права во Русија, каде што „неоправданата и непредизвикана агресивна војна против Украина ја зголеми внатрешната репресија, драстично ја ограничи слободата на мислата и изразувањето и слободата на медиумите и воведе нова воена цензура, се додава во соопштението.
ЕУ силно го осудува брзото умножување на рестриктивните руски закони и систематската репресија врз граѓанското општество и активистите за човекови права, како и континуираното потиснување на независните медиуми, индивидуалните новинари, членовите на политичката опозиција и другите гласови на критики.
Поради кршење на човековите права, беа воведени нови казнени мерки на ЕУ и против 18 лица и пет ентитети во Авганистан, Централноафриканската Република, Јужен Судан, Украина и Русија, соопшти Европскиот совет. Станува збор за замрзнување на имотот, забрана на компаниите и граѓаните на ЕУ да ставаат пари на располагање на санкционирани поединци или субјекти, а воведена е и забрана за патување во земјите на ЕУ за физички лица.
На 7 декември 2020 година, Советот на ЕУ го воспостави Глобалниот режим на санкции за кршење на човековите права, кој се однесува на дела како што се геноцид, злосторства против човештвото и други сериозни прекршувања на човековите права – тортура, ропство, ликвидации, произволно апсење или притвор.