Европската унија (ЕУ) следната недела ќе ја воведе долго одложуваната забрана за увоз на дијаманти од Русија, бидејќи ја доби поддршката од земјите од Групата седум најбогати либерални демократии (Г7), изјави денеска високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.
Борел го изјавил тоа за лондонски „Фајненшл тајмс“ (ФТ) по состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Јапонија што заврши денеска.
Дијамантите се еден од ретките важни руски извозни производи кои сè уште не се под санкциите на ЕУ воведени како одговор на руската инвазија на Украина минатата година.
Русија е најголемиот светски производител на необработени дијаманти по волумен, а нејзиниот извоз беше вреден четири милијарди долари во 2021 година.
Дијамантите досега не беа опфатени со ембаргото поради обемните договори за тоа како би функционирало ембаргото.
„Некои членки на ЕУ побараа политичко покритие од Г7 за да ја прифатат забраната за трговија со дијаманти“, рече Борел, а ФТ пишува дека меѓу нив е и Белгија, еден од најголемите светски пазари за дијаманти.
Украина и неколку други земји од Централна и Источна Европа долго време бараат ЕУ да ја забрани трговијата со дијаманти од Русија, како што тоа го направи со целосните забрани или ограничувања на извозот на руска нафта, јаглен, челик и злато.
Водачите на Г7 се согласија во мај да ја ограничат трговијата и употребата на дијаманти од Русија, но обидот да се натера ЕУ да воведе ембарго запре, бидејќи Белгија тврдеше дека едноставна забрана само ќе ја пренасочи трговијата подалеку од нејзиниот град Антверпен, каде се врши повеќе од 80 отсто од светската трговија со дијаманти.