ЕУ забранува бихевиорално рекламирање на Facebook и Instagram

од Vladimir Zorba
381 прегледи

Европскиот регулатор трајно го забрани бихевиоралното рекламирање на Facebook и Instagram, следејќи ја одлуката на Норвешка, што значи дека практиката ќе биде забранета во сите земји на ЕУ и Европската економска зона (ЕЕА).

Европскиот одбор за заштита на податоци (EDPB) му нареди на регулаторот за заштита на податоците во Ирска, каде што се наоѓа европското седиште на Мета, трајно да и забрани на компанијата бихевиорално рекламирање во рок од две недели, се вели во соопштението на EDPB за Ројтерс.

„На 27 октомври, EDPB донесе итна обврзувачка одлука да ја забрани обработката на лични податоци за бихевиорално рекламирање врз правна основа на договор и легитимен интерес низ Европската економска област“, ​​се наведува во него.

Во ваквото рекламирање, компаниите се потпираат на податоци за преференциите на корисниците со цел да ги промовираат своите производи и услуги на насочен начин. Мета се спротивстави на обидите за сузбивање на таквите практики, забележува Ројтерс.

Доколку ја прекрши забраната, се соочува со парична казна до четири отсто од глобалниот промет, соопшти норвешкиот регулатор за податоци.

Во средата Мета потсети дека планира да им понуди на корисниците во ЕУ и ЕЕА можност да се согласат за обработка на податоци и дека во ноември ќе понуди модел на претплата за да се усогласат со барањата на регулаторот.

„Членовите на EDPB знаеја за планот со недели и веќе разговаравме со нив за да постигнеме задоволителен исход за сите страни“, рече портпаролот на компанијата.

„Сегашниот развој неоправдано го игнорира тој темелен и силен регулаторен процес“, додаде тој.

Од почетокот на август, на Мета во Норвешка и се заканува казна од 1 милион круни (84.380 евра) дневно доколку ја наруши приватноста на корисниците користејќи ги нивните податоци, како локација или прегледна содржина, за рекламирање, што е заеднички бизнис модел на технолошките гиганти.

Сумата е валидна до петок и може да биде многу поголема во иднина, според Тобијас Џудин, шеф на меѓународниот оддел на Datatilsynet.

„Бидејќи забраната сега ќе биде трајна, нејзината неусогласеност на ниво на ЕУ/ЕЕА само по себе би претставувало кршење на GDPR, казниво со најмногу четири отсто од глобалниот промет“, изјави Џудин за Ројтерс.

ЕУ го регулира правото на приватност со Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR). Норвешка не е членка на ЕУ, но е дел од единствениот европски пазар.

Одлуката опфаќа околу 250 милиони корисници на Facebook и Instagram во Европа, објави Datatilsynet.

Слични содржини